Претседател треба да е човек од народот за народот и со народот

ЕиБ: За почеток, зошто лично се нафативте да бидете претседателски кандидат? Кои се принципите и вредностите по кои ќе се водите во изборната кампања, а и подоцна доколку победите? Патем, ќе видиме ли конечно пристојна предизборна кампања и дебати водени од принципи и позиции, а не од ad hominem напади?

Г. Силјановска Давкова: Изминатите година-две бев дел на повеќе иницијативи на професори и интелектуалци, кои се обидуваа да ја предупредат власта дека не треба да избрзува со прифаќање на лош договор со Грција и дека фокусот треба да се стави на реформите, а не на распродавање на националните интереси. Првичната идеја дека на претстојните претседателски избори треба да се појави човек кој ќе ги оличува токму овие два постулата произлезе од овие кругови, од моите колеги. Ете, тие сметаа дека јас сум најсоодветна и дека ќе успеам да ја обединам нацијата, во време на сеопшта делба и конфронтација, во време на постоење авторитарна власт и притисоци врз сите кои не се согласуваат со неа. Не ми беше лесно да се нафатам од две причини: прво, моето паметење на политичката арена од пред речиси 30 години е сѐ уште живо и не многу пријатно; второ, јас себе си сум се нашла во професурата, во работата која дава неверојатна сатисфакција поради работата со умни и со млади луѓе. Но, се нафатив дури и по цена да ја жртвувам својата комоција и начин на живот, па и личниот спокој, ако сакате. Си размислив: дали ќе можам да бидам мирна доколку ја одбијам оваа можност да направам нешто конкретно за земјата што ја сакам и за која работам цел живот? Дали смеам да останам пасивна кога се урива она за што се борел мојот татко? Одговорот се наметна сам: треба да се проба, без оглед на исходот. Принципите што ме воделе и ме формирале како личност се оние истите на кои ќе инсистирам и во кампањата, а тоа се: интегритет, храброст, соочување со аргументи и знаење, нудење решенија и менување на досегашниот начин на водење на политиката, барем во еден нејзин дел. Ќе вложам напор да бидам креативна и поинаква. Што се однесува до кампањата, навидум одговорот би требал да биде едноставен и позитивен: трка помеѓу тројца универзитетски професори би подразбирала висока етика и квалитетна дебата со знаење и аргументи. Но, сепак, ако денот по утрото се познава, за жал, пак ќе се соочиме со користење недемократски и недолични средства за дискредитација на противникот. Јас тој притисок, и тоа од највисоките ешалони на власта, го почувствував веднаш. Друга работа е мизогинијата и валканата кампања што се води на социјалните мрежи. Но, одлучив да си ставам „панцир“ околу умот и срцето и да се соочам со сѐ што ќе се случи до 5 мај.

ЕиБ: Како ја перципирате позицијата на претседателот во општеството? Претседателот се бира со висок легитимитет, со голем број на гласови на непосредни избори, а ужива релативно мали ингеренции. Сметате ли дека тој/таа прави доволен баланс со извршната власт и дали во иднина би требало да има одредени промени во политичкиот систем?

Г. Силјановска Давкова: Како професор по уставно право и политички систем, јас сум не само длабоко свесна за значењето и ограничената моќ на оваа позиција, туку и сум ги критикувала уставните решенија (особено во делот на високиот цензус во вториот круг). Сме зборувале за оваа позиција како за „англиска кралица“, а во политичкиот дискурс таа била девалвирана дополнително со тези за „граѓанинот Трајковски“ или „фикусот“. Но, ако ги тргнеме настрана тие политички дисквалификации, претседателот е сепак лицето на државата кон внатре и кон надвор. Со висок легитимитет (и регуларни и фер избори), тој/таа може да биде и морална вертикала на општеството, да има медијаторско влијание особено во случај на судири, да алармира, да смирува тензии, итн. Доколку претседател се бира во собранието тоа ќе биде акламација на веќе донесена одлука од два лидери на коалицијата еден македонец и еден албанец. Ќе се соочиме со политички пазари и притисоци. Претседателот како човек од народот за народот и со народот легитимитетот треба да го црпи токму од народот. Кохабитацијата е здрава демократска вежба во потрага по консензус за прашања од национален интерес. Вршејќи ја својата уставна надлежност, претседателот има простор да остави и свој личен белег, бидејќи луѓето (во крајна линија) им даваат живот на институциите. Што се однесува до промените, јас веќе најавив дека првата промена за која ќе апелирам до пратениците и политичките субјекти ќе биде измена на законот кој му обезбедува многу привилегии на претседателот по завршувањето на мандатот. 

ЕиБ: Што мислите за начинот на кој се ефектуираат ингеренциите на претседателот во земјава?

Г. Силјановска Давкова: Начелно гледам два проблема на овој план: прво, имаме ниска политичка култура, особено во ситуација на кохабитација, што оди на штета на националните интереси на земјата (и за ова ќе ви го посочам само примерот на соседна Грција, каде кохабитацијата дејствуваше во иста насока кога стануваше збор за националните и државните интереси, премиерот и претседателот, па и парламентот, зборуваа во еден глас). Второ е неискористеноста на сите можности за проактивност на претседателот во однос на владата и собранието. Тука не мислам на деформирање на парламентарниот систем и негово туркање кон претседателски, туку кон доследно почитување на принципот на поделба на власта. Ќе ви дадам засега само еден пример: никаде во Уставот не пишува дека претседателот се обраќа пред парламентот само еднаш годишно! А практиката тоа го свела на протоколарно предновогодишно обраќање, кое притоа дури и не се следи со респект или внимание, туку служи за препукување. Јас ќе бидам проактивен претседател и во случај на потреба од ставање вето на некој закон и во случај на потреба од обраќање до парламентот и јавноста. Често ќе се обраќам до пратениците и јавноста не само еднаш годишно. Ќе ги адресиран најгорливите проблеми на ранливите категории граѓани и ќе укажувам на лошите состојби во различните општествени сфери како претставник на народот. Другите работи ќе ги елаборирам во кампањата.

ЕиБ: Ја имате назнаката „натпартиски кандидат“. Колку е тоа можно во длабоко исполитизирана и партизирана држава? Доколку бидете избрани, што ќе направите во однос на партиите што ве поддржале?

Г. Силјановска Давкова: Политизацијата не е лоша појава во демократијата: таа подразбира активни и будни граѓани, медиуми и невладин сектор како контролори (кучиња чувари), итн. Но, она од што ние страдаме е партитократијата, партизацијата, и отсуството на внатрепартиска демократија. На тоа се надоврзува сфаќањето на политиката како можност за збогатување, создавање клиентела, непотизам, и сл. Причината заради која се нафатив на оваа битка, меѓу другото, е и фактот дека е ова можеби единствена политичка функција која може да биде сосема над партиите и над меѓупартиските судири, затоа што го црпи легитимитетот директно од граѓаните. Како што знаете, јас не сум член на ВМРО-ДПМНЕ. Но, морам да признаам дека направен е огромен чекор напред во насока на отворање на партијата кон општеството, излегување од сопствените кругови, па дури и подготвеност да прифатат жена како свој кандидат. Мислам дека бев јасна и досега кога тврдам дека функцијата ќе ја вршам согласно уставните овластувања. Им должам длабока благодарност на делегатите на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за широко отворената врата за мојата кандидатура. Доколку победам на изборите јавно ќе им се заблагодарам на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ како и на другите коалициони партнери кои решија да ме поддржат, и на сите граѓани кои ќе ме гласаат без оглед на етничка верска или партиска припадност. Се разбира ги поздравувам и иницијаторите на мојата кандидатура за Претседателка.

ЕиБ: Дали мислите дека е можен бојкот на вториот круг на изборите? Каков е вашиот став во однос на можниот бојкот?

Г. Силјановска Давкова: Длабоко ме допира и имам разбирање за граѓаните кои својот гнев и отпор кон целокупната политика на Зоран Заев ја манифестираат преку повици за бојкот, што верувам дека се сфаќа како своевиден ненасилен отпор кон Северна Македонија. Имам разбирање и за оние кои се разочарани од партијата која ме номинираше или од нејзиниот официјален став за време на референдумот. Но, она што не го разбирам е што тие граѓани очекуваат да постигнат со бојкот, кој засега се сведува на пасивност и прифаќање на сите нормативно-правни и административни промени, а само декларативно на неприфаќање на Северна. Овие избори се начин на кој многу ефективно можеме да ја демонстрираме моќта на обединетите граѓани, кои на самовластието на Заев, на заевизмот како што го нарекувам, ќе му кажат НЕ. Се разбира, претседателската функција не значи менување на нештата со волшебно стапче и преку ноќ, а јас сум доволно совесна да не ги лажам гласачите: победата на овие избори е само првиот конкретен и институционален чекор кон развластување на оваа авторитарна власт, чекор кон деконцентрација и воспоставување на контратежа. Во спротивно, последиците ќе бидат многу полоши. Мојата порака до тие кои размислуваат дали да гласаат е дека мојот успех на претседателските избори е делегитимизација на катастрофалната политиката на оваа власт. Ако изгубат, како што најави премиерот ни следат предвремени парламентарни избори. На тие избори ќе има шанса една широка опозициска коалиција да ја освои власта и да почнеме сериозни, европски реформи. Оставам граѓаните да размислат, барам да ме слушнат што имам да им понудам, а потоа да одлучат дали ќе излезат и кому ќе му дадат доверба. 

ЕиБ: Кои се според вас трите најголеми проблеми на земјава и како може претседателот да помогне за нивно решавање?

Г. Силјановска Давкова: Одсуство на правната држава, лошата економија партизација на администрацијата и одливот на младите. Имаме катастрофална ситуација во надворешната политика (и покрај наводниот успех со НАТО), национална траума низ која минуваат граѓаните, и неспособна и корумпирана власт која покажува знаци на бескрупулозност, а ниту економијата покажува знаци на живот, ниту граѓаните гледаат некое фајде од „животот за сите“. Противниците ме обвинуваат дека уште сега без ракавици зборувам за сите проблеми, вклучително и за оние за кои претседателот нема директни овластувања. Но, ако власта инсистира или на розеви очила (преку медиумска пропаганда) или се заканува со репресија, претседателот има моќ да комуницира со граѓаните и да ја кажува вистината. Мораме да почнеме од мотото на Орвел дека во време на општа измама кажувањето на вистината е револуционерен чин. Претседателот не е сосема заштитен од репресивните алатки на власта, но сепак има одредена повластена позиција да ги кажува нештата со вистинското име. За жал, претседателот нема право на законодавна иницијатива, но може да поттикнува дебати во и надвор од парламентот, да биде коректор на извршната власт, па и да се вклучи во законодавниот процес ако политиките кои се креираат таму преку законите не се во согласност со уставните вредности.  

ЕиБ: Каков е вашиот став за т.н. „Преспански договор“?

Г. Силјановска Давкова: По ова прашање сум била гласна и конзистентна, и таква ќе останам засекогаш. Преспанскиот процес ги урна и последните траги од правната држава, со образложение дека ја приближува земјата до ЕУ. Јас сметам дека ја отвори Пандорината кутија внатре во земјата, посеа семе на раздор и можни идни конфликти, а и демонстрираше непочитување на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, задолжителното меѓународно право (ius cogens) уставот и законите, но и етиката. Прашањето за македонскиот народ не е затворено, и никогаш вака не може да се затвори. Како професор на уставно право од Жан Жак Русо и Џеферсон до современите конституционалисти се укажува дека секоја генерација има право на свој устав. Одтука т. н. вечна клаузула за непроменливист на новото име не може да опстои. Една од првите работи кои ќе ги преземам како претседател е преиспитување на правната валидност на Преспанскиот договор во светлина на одредбите на Виенската конвенција, и тоа со помош на врвни професори и експерти по меѓународно и уставно право од светски ранг. Втората работа е будењето на уставниот суд од зимскиот сон кој трае со години.

ЕиБ: Доколку победите на претседателските избори вие би биле врховен командант на нашата армија. Кои се вашите размислувања и планови за прашањата на одбраната на земјата? Како ја цените улогата на НАТО во тој поглед?

Г. Силјановска Давкова: Мислам дека целта на Преспанскиот процес беше влез на земјата во НАТО. НАТО е извесен исход, и тука нема место за еуфорија, бидејќи влегуваме во НАТО не само со скршен р’бет, туку и без чизми (буквално). Воените професионалци имаат големи забелешки за нивниот социјален статус, и тоа со право: кога било најтешко, тие биле нашите „амбасадори“ на меѓународна сцена, добивале пофалби од моќните сојузници, а дома едвај врзуваат крај со крај. Треба да го најдеме нашиот сопствен придонес (niche) во Алијансата, а кој нема да биде на штета на социјалната безбедност на граѓаните. НАТО е моќен воен сојуз, но нема да може да ни ги реши домашните проблеми. За тоа зборува состојбата во земјите членки на НАТО, и тоа токму тие од соседството. Значи, многу работа нѐ чека, иако многу чекори наназад имаме направено во сите сфери. Згора, амбасадор во НАТО немаме иако го кренавме знамето пред владата.

ЕиБ: Претседателот има ингеренции во поглед на надворешната политика на земјата. Што планирате на тој план?

Г. Силјановска Давкова: Оваа власт заборави дека во меѓународните договори претседателот е primus а владата seconds, преземајќи му ги надлежностите на претседателот Иванов. Македонската слика надвор ја даваат дипломатите. Само најдобрите ќе ги изберам, ќе видам сметка за меритократијата а оние кои нема да имаат резултати ќе ги отповика. Нема успешна надворешна политика, особено за мала земја, без квалитетна дипломатија. Досега, со ретки исклучоци, дипломатијата е направена прибежиште за партиски функционери, лица ставени по клуч, дури и кога не знаат ниту еден светски јазик, па дури и јавното презентирање на новоименуваните амбасадори се прави зад затворени врати. Ќе се залагам за професионалност и транспарентност – јавноста заслужува да знае кој и како ја претставува во светот. Ќе водам сметка за културната и научна дипломатија.

ЕиБ: Иако економските политики и прашања се во надлежност на извршната власт, претседателот на државата сепак може да има проактивна улога на тој план. Какви се вашите размислувања во врска со тоа?

Г. Силјановска Давкова: Се разбира, планирам мерки во делот на економската дипломатија, и се надевам дека ќе се има слух за општото добро и националниот интерес. Неопходна е тесна соработка со стопанските комори и бизнис заедницата, подобрување на регионалната економска соработка. Се треба да направиме на прво место да ни е еконимијата, но запомнете без владеење на правото нема ни европска политика ни економија.

ЕиБ: Како во земјава да почнеме да градиме консензус за суштински важните прашања за нејзината иднина? Колку би можел токму претседателот да биде движечка сила за такво нешто?

Г. Силјановска Давкова: Македонија направи огромна грешка кога во 90тите не направи консензус за националните прашања. Никогаш не сме биле поподелено општество. Ниту една земја во светот не се соочила со слична ситуација во која нејзиното битие е поделено, граѓаните растргнати, а политичарите се гледаат на нишан. Според мене, обединувањето треба да тргне од граѓаните, само тие имаат моќ да им пратат порака на политичарите и партиите дека сакаат тие да работат во нивен интерес, а не за нивните банкарски сметки. Победата на опозициски кандидат е првиот чекор, порака и опомена за власта, а дури потоа ќе почнеме ќе работиме на заедничките интереси. Доведени до ѕид мораме да најдеме начин да најдеме консензус. Поголеми се шансите за консензус со надпартиски кандидат.

ЕиБ: Ви благодарам за интервјуто.