Ако ја сакаме Македонија, ако ги сакаме сите наши природни убавини, треба да ги чуваме заедно

Кандидатот за претседател на Република Македонија Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова денеска оствари средба со граѓаните на Општина Сарај.

Пред присутните Силјановска Давкова истакна дека идејата на локалната самоуправа отсекогаш била локалната демократија и воспоставување на контратежа на централната власт.

Идејата на локалната самоуправа отсекогаш била локалната демократија, воспоставување на контратежа на централната власт заради деконцентрација на моќта и обезбедување слободен простор за дејствување на граѓаните во општините. Она што се прави со платформите во заштитениот појас, но и во поширокиот простор на Матка, е злосторство и против природата и против демократијата и нејзините принципи. Општините не се држави во држава, и за нив важат законите – освен ако се препуштиме на логиката на локален грабеж и самоволие во интерес на локални шерифи, а на штета на граѓаните. Она што го видов на Матка, дури и во еден прекрасен сончев ден и покрај срдечните средби со посетителите, навистина растажува. Ако ја сакаме Македонија, ако ја сакаме Матка, ако ги сакаме сите наши природни убавини, треба да ги чуваме заедно, обединети, и во согласност со владеењето на правдата. Апелирам итно постапување на надлежните институции, а ги има многу на број кои се повикани да дејствуваат, или ќе ја изгубиме оваа оаза на убавината и спокојот во близина на главниот град. Да се обединиме за да завладее правото и правдата во нашата Македонија, вели Силјановска Давкова.