На Стево и на Блерим би им зготвила турлитава: Искрено интервју со Гордана Силјановска- Давкова

Вели дека како жена, во условно речено машкиот свет се докажала уште пред да влезе во трката за Претседател. Професорката Гордана Силјановска-Давкова изминатов период е во фокусот на вниманието поради претседателската кампањата, но и поради други, неформални приказни интересни за јавноста. Во искреното интервју за Женски магазин таа открива зошто е вегетаријанец, со што ја освоил сопругот Благоја, кои совети од децата ѝ се најдрагоцени и вели дека од срце им се смее на шегите на нејзина сметка и лапсусите кои ѝ ги „ловат“ твитерџиите. 

* Верувате ли дека тоа сте жена во условно речено машки свет, ви е предност во трката за Претседател или е можеби пречка? 

– Како жена во, условно речено, машки свет сум се докажала уште многу пред оваа претседателска кампања. Затоа, ова и не ми е нешто сосема ново. Притоа, верувам дека не ја жртвувам женственоста за да станам „подобар маж од мажите“, бидејќи само така женската еманципација има смисла. Од друга страна, не играм на картата на „слаба и нежна жена“, како што ме обвинуваат противниците. Едноставно, во кампањата настапувам како целосна личност, со сите мои стекнати искуства и споени идентитети (на жена, мајка, сопруга, професорка, интелектуалка, пријателка, итн.), и се обидувам како таква да им се претставам на граѓаните. Засега сум навистина задоволна од приемот: можеби мојата ситна физичка појава и поинаквиот стил на обраќање воведува инаква димензија и различност од она што е досега видено. Впрочем, мнозина ми велат: вие, жените, во изминатиот период се покажавте многу похрабри од мажите, во некои критични моменти за земјата.     

* Ако застанете на чело на државата, што е она кое можете да им го ветите на жените? 

– Јас им се обраќам на сите граѓани, бидејќи сакам да бидам нивна заедничка претседателка, без оглед на сите разлики кои постојат меѓу нив, вклучувајќи ја и родовата. Најголемиот број проблеми со кои се соочува Македонија се однесува на секојдневието и на мажите и на жените, и на младите и на старите. Доколку електоратот навистина ми даде доверба, по силата на личниот пример, верувам дека ќе станам инспирација за многу млади девојчиња кои ќе растат со конкретен пример на жена на лидерска/државничка позиција. Бидејќи, не е доволно само да се зборува за жените (најчесто како за објекти, а не како субјекти) и со декларативни заложби да се зборува за нивно поголемо вклучување во сите сфери на општественото дејствување; потребни се примери! Понатаму, како активистка за женските права уште од 90-те години, добро ги познавам прикриените форми на дискриминација, па ќе сторам сѐ да ги промовирам и охрабрувам политиките кои се однесуваат на женската еманципација, но и на таа на другите маргинализирани групи.   

* Познато е дека сте вегетаријанец, кога се решивте на ваков начин на исхрана? 

– Ах, од многу одамна! Од времето кога не беше модерно да се биде вегетаријанец. Таа моја одлука не се должеше на некакво филозофско учење или одлука да следам некој модерен тренд. Едноставно, отсекогаш повеќе сум сакала и сакам, односно уживам во свежо (или обработено) овошје и зеленчук отколку во месо. Тој мој стил никогаш не сум им го наметнувала на домашните или на пријателите, па така во нашиот дом владее шаренило и комбинација на стилови и вкусови. Мене не ми пречи кога домашните јадат скара, а ним неретко им се допаѓаат многу од моите зеленчукови и овошни салати или динстан зеленчук, па бараат да споделам со нив. Моето лично убедување е дека вегетаријанската исхрана е здрава, и дека во неа лежи и тајната на мојата виталност и енергија.   

* Ако треба да ги поканите вашите противници Стево Пендаровски и Блерим Река на ручек, што би им зготвиле? 

– Во моментов верувам дека сите тројца сме во слична ситуација, целосно посветени на исклучително напорната кампања, па едвај и стасуваме да јадеме и да одмориме. Неретко ми се случува и да заборавам да јадам, но блиските се грижат за мене. Инаку, што би им понудила? Не би им наметнала нужно вегетаријанско јадење, би ги почитувала нивните вкусови и желби, но убедена сум дека многу би им се допаднала мојата вегетаријанска лазања, питата со праз, посната сарма или турлитавата – со и десерт во вид на овошна салата. 

* Велите дека се негувате со органска козметика. Какви маски си подготвувате, која најмногу ви ја хидрира кожата? 

– Искрено, не сум од оние жени што трошат многу време на својот изглед, па и на козметиката. Но, кога ја негувам кожата мојот принцип е на неа да ставам само продукти кои можат да се консумираат (и) како храна. Затоа, не пребирам: она што ќе ми се најде под рака, а во моменти на одмор во домот, го користам како маска или крема. Кожата треба да се хидрира однадвор, но и однатре, па затоа се трудам и да пијам доволно вода и свежи сокови, но и да се движам на свеж воздух и да се рекреирам.

* Како се запознавте со вашиот сопруг, со што ве освои?

– Со мојот сопруг сум заедно речиси 40 години, од моментот кога се запознавме и вљубивме. Тешко ми е да кажам со што конкретно ме освои, бидејќи кога имате 17 години (па и подоцна) на појавата на длабоки чувства не влијае некаков конкретен критериум, туку повеќе некоја насмевка, поглед, хемијата. Таа хемија меѓу нас постоеше од првиот момент, и сѐ уште трае, и покрај тоа што низ години сме имале и бурни реакции, но и седење заедно во тишина, разбирање без многу зборови. За почеток е доволна искра, привлечност и сознание дека со некого не ви е здодевно и едвај чекате да го видите следниот пат. Младите тоа не го знаат, но ние постарите знаеме дека низ долгите години на брачен живот постојано се учи и се запознава животниот партнер, одново и одново. Бидејќи, ниту еден од нас не е оној истиот од пред 40 години, ама сепак е оној со кој сакаме да останеме цел живот.   

* Претпоставувам дека сега, во времето на кампањата и забрзаното темпо со кое што живеете сте понервозна и поизморена. Освен јогата, што најмногу ве опушта? 

– Нервозна не сум, но признавам дека кампањата е многу понапорна одошто сум можела да претпоставам. Бидејќи, овде нема дневен распоред кој го следите, ќе остварите средби и одите да се одморите. Не, динамиката е непрекината, зошто кога не сум на митинзи и на закажани средби, ми приоѓаат луѓе секаде каде што ќе ме сретнат. Ми се јавуваат на имеил, телефон, Фејсбукот и Твитерот се уште еден дополнителен канал на комуникација. Во овој период сум решена да го прифатам овој ритам како што и доликува, и сега не е време за опуштање. Всушност, ќе ви откријам една мала тајна: пред почетокот на кампањата имав дилеми, па и трема, кога ќе помислев на јавен собир, говорење од бина на митинг и сл. Точно е дека на работа зборувам пред амфитеатар полн со студенти, но овде атмосферата е сосема поинаква, па така мора да се прилагоди и моето држење и дикција. Но, по првите два настапа, јас се опуштив: сфатив дека сум добредојдена, дека луѓето со внимание ме следат, без тоа да им е обврска и заморно. Свесна сум дека понекогаш од мене проговорува професорката, па знам да користам и таков речник, но сега на половина од кампањата сосема сум опуштена. Нема трема, нема тензија, нема никаква негативна енергија… Инаку, во секојдневниот живот, најмногу се опуштам со семејството, со децата, ама и со мачето и кучето кои ги имаме дома. Сакам да шетам во природа, многу сакам пливање, понекогаш уживам во танцување, а некогаш повеќе во тивка музика и добра книга. 

* Ви дале ли децата и сопругот, или можеби некоја пријателка, некој важен совет кој ви помага да го елиминирате стресот?

– Во оние моменти кога бев во дилема или кога се соочував со валкана кампања во која цел беше дел од моето семејство, ми беше потребна потпора од моите најблиски. Јас сум личност која си ја цени приватноста, па ми падна тешко соочувањето со туѓата злоба и тоа насочена кон моите најмили. Морав да знам дали мојата одлука ги погодува и како тие се носат со сета оваа нова ситуација. Но, токму тие што ги сакам најмногу и што ме сакаат ми рекоа една работа: што и да се случи, со тебе сме! Стави си околу главата и срцето невидлив „панцир“, панцир на нашата љубов и доверба и не дозволувај никој кој не заслужува да те извади од колосек. Мислам дека ги послушав и дека нивните 

* Дали сте личност која сака да се шегува на своја сметка, и има ли некоја интересна шега која сте ја слушнале за вас и ве насмеала? 

– Способноста да се шегуваш со сопствените слабости или карактерни особини, а уште повеќе да примиш шега на своја сметка, е она што покажува дали е човек суетен и арогантен или не. Апсолутно, моите блиски ме знаат како жена која не само што е духовита, туку и од срце се смее на шегите на нејзина сметка. Политичката кампања е токму време и кога се покажува духот на еден народ, способноста да се потсмева на политичарите, а да тоа не биде говор на омраза или ad hominem напади за деградација на личноста. На пример, од срце се смеам и многу ми се допаѓаат шегите на „Фчерашни новости“ и „Зевзекманија“. Има и исклучителни твитерџии, претпоставувам млади луѓе, кои луцидно ги ловат нашите слабости, грешки, моите лапсуси (Кичево – Кочани, хаха). Не ми е првпат да бидам во фокусот на јавната критика, но ништо не се споредува со овој период. И ова е добра подготовка за тоа што следува, бидејќи доколку успеам да станам претседателка, а познавајќи го народниот дух, ќе треба да живеам со шегите на моја сметка без тоа да ми влијае негативно. Всушност, најпрефинет начин да го почувствувате духот на народот и неговата критичка острица е преку хуморот и сатирата. 

* Како сакате да се облекувате во неформални прилики, кога немате работни обврски? 

– Јас сум практична жена, жена која низ годините изградила свој стил (му се допаѓало тоа некому или не). И во секојдневниот професионален живот и во неформалните прилики го одбирам она во што се чувствувам своја и најкомотно. Бидејќи сакам јога, пешачење во природа и танцување, најважно ми е да имам удобни обувки и облека која не ми пречи. Не сум од оние кои „паѓаат“ на брендови и скапи работи, напротив. Тренерки, фармерки, патики, палтенце, тоа е она што ми е доволно кога сум дома или кога сум на рекреација.