Силјановска: Ако се промени името во ,,северна”, тогаш каде е ,,јужна Македонија”

Kандидатот за претседател на Република Македонија, г-ѓа Гордана Силјановска Давкова денес оствари средба со граѓаните на Општина Ново Село.

Пред присутните Силјаноска Давкова нагласи дека со победа на претседателските избори ќе се отвори шанса за барање на предвремени парламентарни избори се со цел да може да се укаже дека Преспанскиот договор и промената на уставното име на Република Македонија е нешто неприфатлив за граѓаните на оваа држава. Односно како што рече таа, ако има промена на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија, тогаш логично е да се постави прашањето каде е тогаш Република Јужна Македонија.

Според Силјановска Давкова залудни се обидите на  Зоран Заев да ги корегира неговите министри при изговор на името Република Македонија во Република Северна Македонија, бидејќи тоа име е без корен, вештачко и натурено, истакнувајќи дека во историјата не се борела за Северна Македонија, а како најдобар пример ја посочи и химната на Република Македонија.

Мислам дека е важно да се потенцира дека тогаш при победата на претседателските избори дека на дневен ред ќе дојдат предвремените парламентарни избори, нешто што е многу важно заради решавање на отворениот спор за името. Видете може тие да пишуваат на сите згради, може премиерот да ги поправа сите укажувајќи на Северна, меѓутоа тоа име нема корен, вештачко е, натурено е, никој во историјата не се борел за Северна. Ни во турско, ни за време на Втората Светска војна, никој не споменувал Северна Македонија. Не, химната ви е најдобар доказ за тоа. Ниту во некоја песна македонска, ниту во некое оро се споменува Северна Македонија. Никогаш. Не само во делот во кој што живееме ние. Некогашната, за жал Вардарска Македонија, и во останатите делови ајде да видиме што пишувало во Абецедарот од 1925 година. Истото што и во букварите на кој учителките и учителите и денеска им предаваат на децата. Тоа е тоа. Значи ниту во Пиринскиот дел се спомнувало Северна Македонија и најлогичното прашање е ако има Република Северна Македонија, каде е Република Јужна Македонија? Бесмислено. Значи тоа е нешто што ниту срцето ќе ни го прими, ниту умот ни го прима, ама ние треба да направиме амбиент бидејќи меѓународната заедница реков е практична и сака да се реши проблемот. Ние мора да направиме една синергија меѓу претседателот, меѓу премиерот и владата, за да можеме заеднички каде и да стигнеме, со кого и да се видиме да укажуваме дека веќе она што се случува проблемите со спроведувањето на Преспанскиот договор, дека допрва ќе го комплицираат нашиот живот и ќе покажат дека тоа доведува до парализа, до нефункционална држава, дека не е решение за односите меѓу двете народи, туку напротив дека ќе отвори нови и нови проблеми,  вели Силјановска Давкова.